За успешно да ги интегрираме младите таленти во креативната индустрија, најнапред треба да го разбереме контекстот на организациите што со години го истражуваат овој процес. Нивните публикации не претставуваат само збир на податоци, туку и оперативни модели подготвени за практична примена.
Европската хорска асоцијација (ECA) е мрежа на организации која обединува илјадници хорови и милиони пејачи од цела Европа. Таа е една од најзначајните институции во областа на хорската музика и со години работи на професионализација на кадарот во културниот менаџмент.
Клучен документ е прирачникот „Вклучување на младите во културните организации: Поддршка на новите генерации носители на одлуки“. Овој водич, изработен од Младинскиот комитет, претставува меѓународен стандард за интегрирање на младите во управувачките структури. Неговата вредност лежи во тоа што се оддалечува од теоријата и нуди практични решенија. Во него се дефинираат конкретни улоги, како што е „Junior Decision-Maker“ (млад носител на одлуки), кој се профилиракако волонтер кој може постепено да стане одговорен проектен менаџер.
Втора организација што заслужува внимание е Шлеското здружение на хорови и оркестри (Silesian Association of Choirs and Orchestras). Станува збор за организација со длабоки историски корени, која дејствува во регион каде што аматерското музичко движење претставува темел на локалниот идентитет. Повеќе од еден век ова здружение гради социјален капитал преку колективното музицирање. Во последните години, покрај Извршниот одбор функционира и Младински совет, кој има реално влијание врз развојните насоки на целата организација. Шлеското здружение на хорови и оркестри го објави извештајот „Дијагноза на потребите и супермоќите на аматерското хорско движење во Шлезија“, чиј автор е Кшиштоф Сосна, член на Младинскиот совет. Оваа публикација е особено значајна бидејќи за првпат ги мапира ресурсите со кои располага локалниот креативен сектор, но истовремено ги открива и неговите најслаби точки.
Анализата на овие публикации открива три можни проблеми. Доколку не се преземат мерки, како што е проектот Empowering Youth Talents, истите би можеле да доведат до структурен колапс на креативниот сектор во регионите на партнерите.
Сегашните лидери во голем број случаи се приближуваат до пензионирање, а системот не успеал да воспостави природен механизам преку кој помладите генерации би ги презеле нивните улоги. Без систематско менторство и постепено пренесување на одговорностите, постои опасност засекогаш да се изгубат децении искуство, знаење и професионални контакти.
И извештајот на Шлеското здружение и анализите на Европската хорска асоцијација укажуваат дека училиштата речиси и не ја исполнуваат улогата на инкубатори за креативниот сектор. Младите луѓе најчесто случајно доаѓаат во контакт со културните организации, наместо преку јасно структурирана патека. Затоа денес самиот сектор мора активно да ги пронаоѓа талентите и од почеток да ги обучува за менаџерски и организациски вештини.
Културниот и креативниот сектор се темелат врз соработка и меѓучовечки односи. Современата дигитализирана индустрија за забава, напротив, поттикнува индивидуализиран модел на учество. Доколку културните организации не почнат да комуницираат на јазикот на младите генерации, ќе ја изгубат битката за нивното време и внимание.
Зошто токму аматерската музичка сцена претставува толку добар пример? Затоа што токму таму најјасно се гледа врската помеѓу традицијата и потребата од иновација.
Аматерската музеичка сцена покажува дека не е доволно младите само да се повикаат „да се вклучат“. Иницијативите што ги развиле двете организации нудат решенија кои можат директно да се применат во секоја институција или компанија од креативниот сектор. Најважно е искусните лидери да имаат храброст постепено да им ја препуштаат одговорноста на младите. Младите таленти не треба да бидат само асистенти, туку партнери задолжени за конкретни области – како што се комуникацијата на социјалните мрежи, прибирањето средства или продукцијата на настани. Наследувањето на лидерските позиции не се случува преку ноќ; тоа е постепен процес на пренесување одговорност кој ја прави организацијата поотпорна на ненадејни кадровски промени.
Во рамките на проектот Empowering Youth Talents, вреди да се постави прашањето: зошто еден млад и талентиран човек би го посветил своето време во креативниот сектор, наместо во комерцијалната индустрија за забава? Одговорот лежи во социолошкиот концепт што извештајот на Шлеското здружение го наведува како основа за одржливоста на хорското движење – концептот на „третиот простор“. Овој поим го вовел американскиот социолог Реј Олденбург. Според него, човечкиот живот се одвива во три сфери: првото место е домот, второто е работното место или училиштето, а третото е неутрален јавен простор во кој луѓето доброволно се собираат за да градат односи, да разменуваат идеи и едноставно да бидат свои. Во време на сè поголема дигитална изолација и растечка криза на менталното здравје кај младите, креативниот сектор има потенцијал токму да стане таков „трет простор“, што му дава значајна стратешка предност.
Денес најголемата движечка сила на креативниот сектор не се финансиските ресурси, туку човечкиот и релацискиот капитал. Токму оваа „супермоќ“ ја создава отпорноста на организациите, дури и кога тие се соочуваат со финансиски ограничувања. Анализите покажуваат дека не инфраструктурата, туку посветеноста и подготвеноста луѓето да поминуваат време заедно создаваат силни и отпорни тимови. Таа специфична, речиси семејна атмосфера и длабоките меѓучовечки врски придонесуваат младите да го доживуваат креативниот сектор како место што им обезбедува чувство на сигурност, припадност и смисла – предуслов за нивна долгорочна лојалност.
Друга важна „супермоќ“ е способноста за создавање нови идеи и иновации. Младите носат перспектива која не е оптоварена со рутина или со уверувањето дека треба да се прави само она што е „секогаш функционално“. Нивното присуство претставува можност за стратешко рестартирање на организацијата, обновување на нејзиниот имиџ, дигитализација на комуникацијата и пристапност до нови публики.
Желбата, придружена со вистинска можност за дејствување, претставува исклучително силен двигател на целиот сектор. Прирачникот на Европската хорска асоцијација ја дефинира желбата како предуслов за иновација, бидејќи токму таа им овозможува на младите таленти да ги надминат пречките како што се недостигот од време или финансиски средства. Во практика, оваа „супермоќ“ се манифестира преку способноста за самоорганизација. Извештајот на Шлеското здружение покажува дека младите лидери успешно управуваат со сложени процеси – од прибирање финансиски средства, преку логистика, до реализација на амбициозни уметнички и општествени проекти. Токму оваа способност да се преземе одговорност за заеднички потфат претставува највредниот ресурс што треба да се препознае, негува и зајакнува, за младите ентузијасти да станат професионални носители на одлуки во креативниот сектор.
Акумулираното знаење, стекнато преку меѓународното искуство, не остава простор за сомнеж. На креативниот сектор не му се потребни нови теоретски дебати за младите, туку храброст да им се даде вистинско влијание врз реалноста. Вклучувањето на младите во структурите за донесување одлуки не е прашање на имиџ или добра волја на поискусните лидери. Тоа е прагматична стратегија за опстанок и развој. Преминот од моделот „создаваме култура за младите“ кон моделот „создаваме култура заедно со младите“ претставува најдобра заштита од кризата на наследување на лидерските позиции. И, што е најважно, време е да престанеме само да зборуваме за тоа. Време е навистина да почнеме да создаваме заедно.
Кшиштоф Сосна – Градски центар за култура и уметност, Писковице
Библиографија:
European Choral Association (2021). Youth Involvement in Cultural Organisations: Supporting New Generations of Decision-Makers.
Sosna, K. (2025). Diagnoza potrzeb i supermocy amatorskiego ruchu śpiewaczego na Śląsku. Silesian Association of Choirs and Orchestras.