Надвор од уметничкото училиште: како неформалното учење ги обликува одржливите уметнички кариери

Современите уметнички кариери сè повеќе се потпираат на неформално учење засновано на искуство, односи и практика, преку кое се развиваат стратегиски, комуникациски и социјални способности неопходни за автономно и одржливо делување во динамичниот уметнички свет.

Современите разбирања за уметничките кариери, особено во областа на визуелните уметности, сè повеќе се оддалечуваат од моделите засновани исклучиво на институционално образование. Иако уметничките училишта остануваат важни места за развој на технички и теоретски компетенции, значителен дел од вештините што ја обезбедуваат издржливоста и автономијата на уметничката практика се развиваат надвор од нивните структури. Ова особено се однесува на стратегиските, комуникациските, социјалните и организациските способности, кои – според истражувањата за креативниот труд – се клучни за функционирање во проектно-базирани економии и нестабилни кариерни траектории (Bridgstock, 2011; Comunian and Gilmore, 2016).

Овој процес може да се интерпретира низ призмата на неформалното учење и стекнување знаење, кое е засновано на искуство, градење на односи и дејствување, наместо на институционализирани наставни програми (Eraut, 2004).

Една од клучните области на ваквото учење е развојот на стратегиските способности, разбрани како способност за планирање на сопствената професионална траекторија и селективно одлучување за учество во проекти, резиденции или изложби. Овие компетенции најчесто се обликуваат преку практика: аплицирање на отворени повици, иницирање сопствени проекти или следење на стратегиите на другите уметници. Како што наведува Bridgstock (2011), поединците кои делуваат во креативните индустрии мора активно да се „самоуправуваат“, комбинирајќи критичко согледување и промислување на сопствениот развој и негово адаптирање.

Истовремено, се развиваат комуникациски способности, кои опфаќаат и способност за пишување за сопствената уметничка практика и за градење на наративен систем. Во неформални контексти, активности како одржување присуство на социјални медиуми, учество во иницијативи или ангажман во колаборативни проекти играат особено важна улога. Овие способности ги надминуваат јазичните вештини и ја вклучуваат способноста за прилагодување и изнаоѓање на нови форми на комуникација насочена кон различна публика и институционални контексти. Истражувањата покажуваат дека ефективната комуникација директно влијае на пристапот до ресурси и професионални можности (Comunian and Gilmore, 2016).

Подеднакво е важна и способноста за социјална компетенција, која може да се развива преку учество во различни мрежи на поврзување. Уметничкиот свет функционира како социјално поле структурирано преку релации и распределба на социјалниот капитал (Bourdieu, 1986). Учество во колективи, ко-организирање настани или неформални работни групи создава средини во кои се развиваат вештини како соработка, преговарање и градење доверба. Во овој смисол, учењето е ситуирано и вградено во практиката.

Посебно внимание треба да се посвети на иновативните форми на неформален развој на способности, вклучувајќи го и пристапот кон гејмификацијата. Едукативните игри, особено сценаријата од типот „escape room“, претставуваат примери на искуствено базирани средини за учење кои ги ангажираат учесниците во решавање проблеми под услови на ограничено време и ресурси. Нивниот потенцијал може да се разбере преку моделот на искуствено учење на Kolb (1984), според кој знаењето се создава преку циклуси на акција, рефлексија и експериментирање.

Escape room игрите можат да потпомогнат во развојот на неколку способности релевантни за уметничката практика. Прво, тие им помагаат на учесниците стратешки да размислуваат зошто од нив се барања да анализираат ситуации, да идентификуваат модели на однесување, и да донесуваат одлуки во услови на неизвесност. Второ, да ги зајакнат комуникациските способности кај учесниците, бидејќи успешното изведување зависи од јасна размена на информации, активно слушање и координација. Трето, ги поттикнуваат социјалните способности како соработка, преговарање, распределба и превземање на улоги и управување со групна динамика. Конечно, преку обезбедување безбеден простор за искусување на неуспех и временски притисок, тие придонесуваат за развој на психолошка издржливост и отпорност и подготвеност за преземање ризик (Deterding et al., 2011; Nicholson, 2015). Во овој смисол, escape room игрите може да се разберат како симулации на комплексни професионални ситуации во кои трансформацијата на способностите се развиваат на интегриран начин.

Истовремено, важно е да се нагласи дека ефективноста на гејмификацијата како едукативна алатка не е автоматска. Нејзината вредност зависи од квалитетот на дизајнираното искуство, степенот на неговата поврзаност со реалните професионални практики и присуството на рефлексија што ќе овозможи пренос на стекнатите искуства во професионалниот контекст. Без овие елементи, ваквите активности можат да останат само ангажирачки форми на забава, наместо да овозможат и понудат значајни процеси на учење. Покрај гејмификацијата, и други форми на неформално учење имаат значајна улога, вклучувајќи работилници водени од практичари, менторство и поддршка на иницијативи. Она што им е заедничко на сите, е што се темелат на активна и непосредна примена на знаењето. Во споредба со формалното образование, тие нудат поголема флексибилност и често поефективно одговараат на динамичните услови на уметничкиот свет.

Како заклучок, развојот на способностите неопходни за одржување на автономна уметничка кариера во голема мера се одвива надвор од формалните образовни институции. Искуствените, релациските и проектно-ориентираните форми на учење се особено значајни во овој контекст. Ова укажува на потреба од проширување на разбирањето на уметничкото образование со вклучување на неформалните форми на стекнување знаење и способност, кои играат важна улога во подготовката на поединците за делување во уметничкото поле.

ТЕКСТ: Венанцијуш Охман; ФОТО: Михалина Кучинска

Референци

Bourdieu, P. (1986) The Forms of Capital. In: Richardson, J. (ed.) Handbook of Theory and Research for the Sociology of Education. New York: Greenwood.
Bridgstock, R. (2011) ‘Skills for creative industries graduate success’, Education + Training. DOI:10.1108/00400911111102333
Comunian, R. and Gilmore, A. (2016) Higher Education and the Creative Economy: Beyond the Campus. London: Routledge.
Deterding, S., Dixon, D., Khaled, R. and Nacke, L. (2011) From game design elements to gamefulness: defining gamification”’. DOI:10.1145/2181037.2181040
Eraut, M. (2004) ‘Informal learning in the workplace’, Studies in Continuing Education. DOI:10.1080/158037042000225245
Kolb, D.A. (1984) Experiential Learning: Experience as the Source of Learning and Development. Englewood Cliffs: Prentice Hall.
Nicholson, S. (2015) ‘Peeking behind the locked door: A survey of escape room facilities. Available at: http://scottnicholson.com/pubs/erfacwhite.pdf